Тестаментално наследување во Македонија
(Дел 1: Важноста на тестаментот во наследувањето)
Смртта е неизбежна за секој човек. За смртта не е лесно да зборува, а планирањето на смртта за многумина е застрашувачко и вознемирувачко. Меѓутоа, од правен аспект смртта претставува многу важен факт кој доведува до настанување на посебен вид правни односи помеѓу оставителот и неговите наследици. Како еден од правните механими со кој можат да се уредат наследно правните односи во македонското законодавство предвиден е тестаментот. Тестаменот е можеби најважниот документ што ќе го составите, од причина што Ви овозможува по слободна волја да ги изберете Вашите наследици и она што тие ќе го добијат во наследство.
Што претставува тестаментот?
Наједноставно кажано тестаментот е лична изјава на волја со која завештателот одлучува на кој начин ќе биде распределен неговиот имот после неговата смрт. Тестаментот е документ со одложно дејство од причина што истиот започнува да произведува ефект во моментот на смртта на завештателот. Во текот на животот тестаментот може да го менувате и дополнувате или можете да составите повеќе тестаменти. Тестаментот може да се отповика во секое време со физичко уништување, со располагање (продавање, подарување) на имотот што е предмет на тестамент или со составување на нов тестамент. За тестаментот да биде валиден, мора да содржи одредени елементи кои ги пропишува Законот за наследување. Во спротивно, ако тестаментот е составен спротивно на закон, тестаментот нема да се применува и наследно правните односи ќе се уредат според правилата на законското наследување.
Што треба да содржи тестаментот?
Без оглед на видот и формата на тестаментот, содржината на секој тестамент треба да содржи два елементи: 1) Имотот кој е предмет на тестаментално наследување и 2) Тестаменталните наследици. Притоа тестаментот мора да ја содржи неприкосновената волја на завештателот во однос на овие два елементи. Тоа значи дека завештателот треба да ги определи наследиците и имотот што треба да им припадне во случај на негова смрт по слободна волја, без да постои закана, присилба или измама. Во спротивно, ако е доведена во прашање волјата на завештателот, тестаментот потенцијално може да биде огласен за ништовен и во таков случај нема да произведува правно дејство.
Дополнително, како услов за полноважноста на сите форми на тестамент е возраста и способноста за расудување на завештателот. Согласно Законот за наследувањето тестамент може да состави секое лице способно за расудување коешто наполнило 15 години. Меѓутоа, губењето на способноста за расудување што би настапило откога е направен тестаментот не влијае врз неговата полноважност. Од овие причини, корисно е во тестаментот да биде означен датумот на неговото составување, иако датумот не се смета за задолжителен елемент кај сите форми на тестамент.
Зошто е важен тестаментот?
Со тестаментот можете да определите Ваши наследници да бидат лица надвор од законските наследници, односно како наследици можат да се јават: пријатели, далечни роднини, вонбрачен партнер и сл. Со тестаментот можете да определите и лице на кое ќе му припадне наследството ако определениот наследник умре пред него, или ако се откаже од наследството, или ако биде недостоен да наследи (т.н. супституции). Исто така, со тестаментот може да се остават еден или повеќе легати.
Со тестаментот може да се оптовари со некоја должност лицето на кое му се остава корист од оставината. Воедно, со тестаментот можат да се постават услови или рокови, како и да се определи извршител на тестаментот, односно лице кое ќе се погрижи последната волја на завештателот да биде спроведе онака како што сака.
Една од главните карактеристики на тестаментот е тоа што со тестаментот не можат да се исклучат во целост нужните наследници од наследството. Тоа значи дека во услови кога завештателот располагал со целиот имот во тестаментот и притоа не ги вклучил нужните наследници, истите имаат право да бараат намалување на тестаменталните располагања, како би го задоволиле нивниот нужен дел. Оттука, тестаментот е добар механизам со кој истовремено се заштитуваат нужните наследици, а воедно се овозможува да им се остави одредена корист на други лица, кои не можат да наследат доколку би се примениле правилата на законско наследување.
***
За оние кои избираат да состават тестамент, постојат многу достапни опции. Во секој случај, препорачливо е да побарате соодветна правна помош од адвокат, за да бидете сигурни дека Вашата волја за располагањето со имотот ќе биде доследно спроведена.

Ангела Андонова
Контактирајте го авторот тука:
Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.
Контактирајте не тука, за Вашите прашања од наследно право

Канцеларија
Ул. Македонија бр. 26/1-5,
Скопје – Центар
Контакт
contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218
Lalicic & Boskoski Law Firm
str. Makedonija no. 11/1-5