+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

Судски одлуки во однос на застареност на извршување

Со Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи објавен во Службен весник на РСМ бр.154 од 20.07.2023 година, покрај останатите измени во сила влезе една значајна измена која се однесува на застареност на извршување. Овој вид нов вид на застареност кој до сега не беше познат во нашето право предвидува дека по истек на определено време во постапката за извршување, истата запира. Имено, согласно измената на членот 368 од ЗОО, сега имаме застареност или ограничување на времетраењето на постапката пред извршител по поднесување на барањето за извршување. 

Меѓутоа, македонските судови од денот на донесување на оваа измена ни понудија многу различна пракса и беа донесени многу различни судски одлуки во однос на застареност на извршување, а со тоа и различни очекувања на оние должници кои се одлучиле да покренат постапка со која бараат да се утврди дека не може да се спроведува извршување кон нив затоа што извршната постапка против нив се води повеќе од 10 години. 

Најпрво, би сакале да го објасниме патот по кој овие учесници во извршната постапка стигнаа до одлуките на основните и апелационите судови во државата. 

Имено, од страна на лице кое се води како должник во постапка пред извршител најчесто до извршителот било доставувано барање или предлог за запирање на постпаката поради застареност. Ваквиот предлог во најголем број случаи извршителот го отфрла или го одбива со заклучок по што од страна на лицето должник се доставува приговор во рок од 3 дена од денот на дознавањето за таквиот заклучок. 

Со ова, постапката се упатува пред надлежен основен суд на подрачјето на извршителот и тука се соочуваме со најразлични одлуки.  

Во еден дел, основните судови одлучувале на начин што приговорот на должникот го одбивале, а дел од надлежните основни судови таквиот приговор го усвојувале.

Праксата не е воедначена ниту кај апелационите судови, односно и тие дел го прифаќаат а дел го одбиваат приговорот од страна на должникот доколку во постапката постоела жалба пред второстепениот суд против одлуката на првостепениот суд.

За оваа цел, од јавно достапните и објавените пресуди анализиравме 33 пресуди на Апелационите судови и 54 одлуки на основните судови низ Република Македонија исклучиво по прашањето за примена на одредбата согласно која Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување. 

Не е наш став дека овие 87 одлуки се единствените одлуки на судовите во Македонија по однос на горенаведената одредба, меѓутоа сметате дека ги имаме опфатено најголем број од јавно објавените одлуки и доволен репрезентативен примерок согласно кој може да се заземе став и очекување во евентуална судска постапка. 

Ова се резултатите од нашата анализа на судски одлуки во однос на застареност на извршување: 

%

Позитивни пресуди за должници од страна на Апелационите судови

%

Позитивни пресуди за должниците од страна на Основните судови

Во однос на содржината на одлуките, може да се забележи дека скоро сите судови кои носат позитивна или негативна одлука се потпираат на иста правна аргументација и терминологија.

Така, оние пресуди кои се негативни за должниците, односно го одбиваат приговорот против извршување на должникот во основа се повикуваат на тоа дека:

  • „приговорот не е поднесен и не се однесува за извршно дејствие кое го презел извршителот затоа што како што е погоренаведено, последно преземено извршно дејствие е донесениот налог за извршување …. Значи, на поднесување на приговорот нужно е да му претходи дејствие или пропуштање на извршуителот“;
  • „не постојат јасни законски одредби во однос на надлежноста за одлучување по материјално – правен приговор за застареност во извршна постапка која започнала пред донесување на законските измени“;
  • „Со Законот за извршување се пропишани стриктни законски услови под кои започнатото извршување кое е во тек, може да се запре, додека пак со Законот за парничната постапка чии одредби сообразно се применуваат при спроведување на извршувањето, согласно чл.10 ст.1 од ЗИ, воопшто не е предвиден институтот запирање на постапка“
  • Одредбата од чл.4 од ЗИД на ЗОО (Сл.весник на РСМ бр.154/23 од 20.07.2023 година) не значи дека по нејзино стапување во сила може повторно да се оценува навремено на поведеното извршување и да се цени дали извршувањето кое е навремено поведено според прописите кои важеле и биле на сила во моментот на поднесување на барањето за извршување, поради законските измени кои биле донесени подоцна било застарено.“
  • „ретроактивност на законите и нивно важење согласно Уставот“

    Од друга страна  во оние одлуки каде судовите го усвојуваат приговорот на должникот, оправдуваат дека

    По мислење на овој суд, со тоа што извршителот спроведува извршување спрема должникот, истиот е должен со мериторна одлука да одлучи дали постои или не постои законски основ за запирање на предметното извршување, а не и да го отфрли предлогот и да се прогласи за ненадлежен за запирање на предметното извршување.

    Согласно на ова, може да се заклучи дека не постои единствена пракса на надлежните судови во Македонија. Од оваа причина, Врховниот суд на државата мора без одлагање да ги согледа ваквите разлики како кај основните така кај апелационите судови и да донесе правно мислење со кое ќе постои единствена пракса по однос на примената на наведената законска одредба.

    За примената на законските одредби, Веќе беа објавувани многу новинарски записи со кои се посочува дека судската пракса на судовите е различна (прочитајте тука)

    Напомена: По Ваше барање во можност сме да ги доставиме сите одлуки кои беа анализирање за оваа статија во електронска форма. Контактирајте не маилот contact@lblaw.com.mk доколку сте заинтересирани за овие материјали. 

    Мартин Бошкоски

    Контактирајте го авторот тука:

    Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

    Канцеларија

    Ул. Македонија бр. 26/1-5,

    Скопје – Центар

    Контакт

    contact@lblaw.com.mk
    + 389 2 609 0218

    Lalicic & Boskoski Law Firm

    str. Makedonija no. 11/1-5