+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

ОБВРСКА ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ИЗДРШКА 

Разбирање на финансиската поддршка на децата по разводот на бракот?

Издршката е едно од прашањата што најчесто предизвикуваат спор помеѓу родителите во постапката за развод. Независно дали двајцата се разведуваат спогодбено или по судски пат, износот на издршката мора да биде утврден од суд. Оваа страница е дел од нашата пракса од развод на брак.

 

Во пресрет на разводот, една од најважните грижи за многу родители е обезбедување на постојана финансиска поддршка за нивните деца. Издршката е основен механизам за справување со оваа потреба, со која се обезбедува распределба на финансиската одговорност меѓу родителите.

Плаќање на издршка, односно правниот институт издршка е дизајниран во цел двајцата родители непречено да придонесуваат во обезбедувањето на основните потреби на детето, вклучително храна, облека, образование, домување, здравствена заштита и сл., на начин што ќе ги одразува соодветните финансиски капацитети на родителите.

 

Согласно македонското законодавство, при одлучувањето за разводот на бракот, надлежниот суд е должен да одлучи кај кој брачен другар децата остануваат на чување и воспитување — повеќе за тоа во нашиот текст за старателството — и истовремено да одлучи на каков начин другиот родител ќе учествува во нивното издржување – плаќање на издршка.

 

Во случај на спогодбен развод на брак, брачните другари можат со меѓусебна спогодба да ја определат висината на издршката. Во таков случај, судот при одлучувањето за издршката го зема во предвид износот на издршка кој брачните другари го определиле спогодбено. Сепак, судот може да определи и различен износ на издршка (во принцип тоа е поголем износ од договорениот), доколку оцени дека таквиот износ е неопходен за задоволување на најдобриот интерес на детето и под услов родителот да располага со доволно финансиски средства. Овие случаи се доста ретки во праксата на македонските судови и генерално се случуваат само под исклучителни околности.

 

Доколку брачните другари не постигнале согласност во однос на издршката, при определување на нејзината висина судот води сметка за различни фактори, вклучувајќи го приходот на секој родител – особено дали родителот што треба да плаќа издршка е во редовен работен однос и колку се неговите месечни примања, бројот на деца кои треба да добиваат издршка, трошоците за образование на детето, како и сите посебни потреби на детето.

 

Согласно Законот за семејството, издржувањето на децата е обврска за родителот додека детето не наврши полнолетство, односно до неговата 18-годишна возраст. Исто така, Законот за семејството предвидува дека ако школувањето и стручното оспособување се продолжува, обврската може да втрае и по времето на редовното школување и стручното оспособување на детето до завршување на образовањето, но не подолго од 26 години возраст.

 

Практични чекори, документација и рокови

Судот одлучува за издршката во рамките на бракоразводната постапка, но тоа не значи дека визината (износот) во иднина повеќе не може да се менува. Ако се променат финансиските околности на родителот – давател на издршка, истиот има право да бара преиначување на одлуката за издршка по судски пат. Потребната документација во постапката вклучува: докази за приходи (потврда за плата или други извори на приход), доказ за трошоците за детето, извод од матична книга на родеите и документ за идентификација. Во случај на неплаќање или ненаврмено плаќање, издршката може да се наплати во извршна постапка, а може да биде и предмет на кривично гонење.

 

Често поставувани прашања

Што ако родителот – давател на издршка не плаќа издршка?

Ако родителот – давател на издршка не ја плаќа издршката, другиот родител може да поведе постапка за присилно извршување преку надлежен суд врз основа на правосилната судска одлука или да иницира кривична постапка. 

 

Може ли износот на издршката доцна да се менува?

Да. Ако се променат финансиските околности на некој од родителите или потребите на детето, било кој од нив може да бара од судот преиначување на одлуката.

 

До која возраст се плаќа издршка?

Како основно правило – до 18 години, но во посебни случаи обврската може да трае и подолго.

 

Потребна ви е правна насока?

Доколку имате прашања за издршката или сакате да ги заштитите интересите на детето, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.


Ангела Андонова

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија

Ул. Македонија бр. 11/1-5,

Скопје – Центар

Контакт

contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218

Lalicic & Boskoski Law Firm

str. Makedonija no. 11/1-5