+ 389 2 609 0218 contact@lblaw.com.mk

НА ШТО ТРЕБА ДА ГИ ВНИМАВАТЕ КОГА ДАВАТЕ ОТКАЗ

Основно правило според кое би требало да се раководите кога давате отказ е да останете љубезни и да го задржите Вашиот пријателски однос, без оглед на причините поради кои си заминувате. Оставањето добар впечаток за себе може да има значајна улога, не само кога одите на интервју за работното место кое го посакувате, туку и во случај кога сте донеле одлука да напуштите определено работно место. Давањето на отказ треба да биде извршено на одговорен и професионален начин, па така само усно соопштување на намерата за Вашето заминување, молкумното оставање на изјавата за отказ на бирото кај Вашиот шеф или недоаѓање на работното место, можат во голема мера да значат „отворање на врата“ на низа проблеми и последици со кои не би сакале да се соочите.

Со оглед на тоа дека се работи за важна одлука за која е потребно добро да се размисли и правилно да се спроведе, во продолжение Ве запознаваме со позначајните работи на кои треба да внимавате кога давате отказ, а притоа работниот однос престане на мирен и пријатен начин.

  1. Врачување на отказ во писмена форма

Доколку имате намера да дадете отказ, прв чекор кој треба да го направите е навремено да го известите Вашиот работодавач. За таа цел, потребно е да дадете писмена изјава во која на директен начин ќе го известите работодавачот дека сакате да го раскинете договорот за вработување. Притоа, немате обврска да ги објаснувате причините за Вашето заминување, освен ако сметате дека нивното наведување би било соодветно во конкретниот случај. Така изготвениот отказ потребно е да му го врачите на работодавачот, односно на непосредно претпоставениот работник или друго лице одговорно кај работодавачот.

Внимавајте, договорот за вработување може да го откажете само во целост и истиот не би можел да се однесува само на поединечно определени работни обврски и задачи !

2. Откажување на договорот за вработување со отказен рок

Доколку го откажувате договорот за вработување, минималниот отказен рок трае еден месец. Сепак, не е исклучена можноста во договорот за вработување или во колективен договор да биде договорен и отказен рок кој трае подолго од еден месец. Според тоа, препорачливо е однапред да бидете во целост запознати со содржината на договорот за вработување кој сте го склучиле. Особено важно е да знаете дека отказниот рок не може да трае подолго од три месеци. Отказниот рок ќе започне да тече, наредниот ден, по денот откако сте му го врачиле отказот на договорот за вработување на работодавачот.

  • Право на паричен надоместок, наместо отказен рок

Кога го откажувате договорот за вработување, со работодавачот може да се договорите да Ви биде исплатен паричен надоместок, наместо отказен рок. Во ваков случај, доколку постигнете договор, имате право да Ви биде исплатен паричен надоместок за времетраењето на целиот отказен рок. Работодавачот има обврска да Ви го исплати паричниот надоместок на денот кога сте го врачиле отказот, кога всушност и Ви престанува работниот однос.

3. Права и обврски за време на отказен рок

За целото времетраење на отказниот рок, имате обврска и понатаму да доаѓате на работното место и да ги извршувате Вашите работни задачи и обврски, исто како и претходно. Фактот дека сте поднеле оставка, не подразбира дека не треба и понатаму да ги исполнувате работните задачи на работното место на кое сте вработени или дека истите може само делумно да ги извршувате.

Меѓутоа, истовремено имате и право да отсуствувате од работа и тоа четири часа во текот на работната недела, заради барање на Вашето ново вработување. Ова значи дека работодавачот има обврска и е должен да Ви обезбеди отсуство од работа. За времетраењето на отсуството од работа имате право да Ви биде исплатен надоместок на плата, во согласност со колективен договор.

4. Откажување на договор за вработување без отказен рок

Договорот за вработување може да го откажете без отказен рок во случаи кога Вашиот работодавачот не ги исполнува обврските кои ги има согласно закон. Во ваков случај, после истекот на три дена откако претходно писмено сте го предупредиле работодавачот, можете да го откажете договоот за вработување. Дел од причините поради кои може да го напуштите работното место се следните:

  • повеќе од три месеца не Ви e обездена работа и не Ви е исплатена плата;
  • не Ви е овозможено вршење на работата заради одлука на надлежната инспекција за забрана на вршење на работниот процес или забрана на примена на средствата за работа подолго од  30  дена, притоа работодавачот не Ви исплаќа плата;
  • најмалку три месеца Ви е исплатена намалена плата ж;
  • три пати последователно или во период од шест месеца не Ви исплатена платата во законски, односно договорно определениот рок;
  • не Ви е обезбедена заштита при работа, иако сте побарале отстранување на непосредна опасност за животот и здравјето;
  • работодавачот Ве навредува и/или насилнички се однесува кон Вас или не Ви е обезбеден еднаков третман со оглед на полот;

Во вакви случаи, имате право да Ви биде исплатена испратнина и обештетување најмалку во висина на изгубена плата за времето на отказниот рок.

 

Дополнителен совет:  Откако ќе Ви престане работниот однос, не заборавајте дека имате право да Ви бидат вратени Вашите лични документи во оригинал, како и дека работодавачот е должен да Ви издаде потврда за видот на работата која што сте ја вршеле.

 

***

Доколку сте на прагот пред донесување на одлука за промена на Вашето работно, претходно е неопходно детално да се запознаете со сите права и обврски кои ги имате, затоа што самиот начин на давањето на отказ и престанок на работниот однос можат да имаат значајно влијание врз потрагата по нова работа и вработување, а со самото тоа и влијание на Вашиот иден кариерен развој.

Ивана Илиеска

Адвокатска канцеларија
Лаличиќ и Бошкоски од Скопје

Горенаведеното не претставува правен совет. За правен совет, Ве молиме контактирајте стручно лице – адвокат.