+ 389 2 320 8090 contact@lblaw.com.mk

Имот стекнат во брак – се што треба да знаете

Прашањата за сопственоста на имотот стекнат во брак се појавуваат во голем број на случаи поврзани со развод и често предизвикуваат правни спорови. Важно е да се знае дека постапката за делба на имот е одвоена од бракоразводната постапка: за делбата на имот се расправа и одлучува во друга постапка, односно во постапката за развод се одлучува само за развод на бракот и старателство на децата. Оваа страница е дел од нашата пракса за развод на брак.

 

Сопственоста која брачните другари ја стекнуваат за време на бракот во најголем број на случаи во Република Македонија е запишана само на сопругот, или по исклучок само на сопругата. Ова се однесува како за недвижниот имот (куќа, стан, земјиште и сл.), така и за подвижниот имот (пр. возило, удел во фирма и сл.).

Во правото на Република Македонија, прашањето за сопственоста на имотот стекнат во брак и негово регулирање е опишано во Законот за сопственост и другите стварни права.

 

Заеднички и посебен имот во бракот

Брачните другари во текот на бракот можат да се стекнат со имот на различни начини, па така законот препознава заеднички и посебен имот.

Согласно член 67 од Законот, имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивниот заеднички имот.

Согласно на ова, секој имот кој брачните другари ќе го стекнат во бракот се смета дека е заеднички, освен доколку таквиот имот брачниот другар го имал пред склучување на бракот, или пак се работи за имот кој брачниот другар ќе го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и стварите стекнати во бракот, а кои исклучително служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари.

Врз основа на ова, во случај на делба за време на брак или по развод, секогаш може да се дели единствено имотот кој е заеднички. Повеќе за постапката на делба по развод можете да најдете во нашиот текст за имот по развод на брак.

 

Што ако во јавните книги е запишан само единиот брачен другар?

Според Законот, правото на сопственост на брачните другари врз недвижности кои се нивниот заеднички имот се запишува во јавните книги на името на двајцата брачни другари како нивниот заеднички имот.

Меѓутоа, не секогаш, всушност во поголем број на случаи во Република Северна Македонија, најчесто недвижниот имот се запишува на име на само единиот од брачните другари.

Сепак, законот предвидува дека ова не е од голема важност во однос на сопственоста, затоа што ако во јавните книги (како што е на пр. Агенцијата за катастар) како сопственик на заедничкиот имот е запишан само единиот од брачните другари ќе се смета дека уписот е извршен на името на двајцата брачни другари.

Затоа, доколку на пример недвижниот имот стекнат во брак се продава, најчесто од страна на нотарот се бара изјава од другиот брачен другар со која се согласува недвижниот имот да биде продаден, иако недвижниот имот е запишан само на единиот брачен другар. Повеќе за тоа како функционира запишувањето на недвижност во катастарот можете да најдете во нашиот оддел за недвижности и градежништво.

Исто така, во законот е пропишано дека ако во јавните книги се запишани двајцата брачни другари како сосопственици на определени делови, ќе се смета дека на тој начин ги утврдиле деловите во заедничкиот имот.

 

Практични чекори, документација и трошоци

Делбата на имотот стекнат во брак може да се спроведе спогодбено (со спогодба за делба) или судски (во судска постапка). Спогодбената делба е поефективна и поефикасна, слично како при спогодбен развод. Потребна документација во постапката вклучува: докази за сопственост, докази за потеклото на средствата (на пр. исплатена цена или доказ за поголем придонес), документи за идентификација итн. Судската постапка може да трае неколку години доколку прашањата за сопственост се спорни, а трошоците вклучуваат судски такси и евентуални трошоци за вештачење. Оттука, правната помош на почетокот е клучна за заштита на вашата позиција преку правна консултација со стручно лице – адвокат.

 

Често поставувани прашања

Дали имотот запишан само на име на едниот браќен другар се смета за посебен имот?

Не. Законот претпоставува дека ако имотот е стекнат во текот на бракот, уписот во јавните книги само на име на единиот се смета дека е извршен на име на двајцата брачни другари.

 

Дали наследството добиено за време на бракот станува заеднички имот?

Не. Наследството, легатот и подароците се сметаат за посебен имот иако се стекнати за времетраење на бракот.

 

Може ли делбата да се поведе додека не е разведен бракот?

Да. Постапката за делба на заедничкиот имот може да се поведе пред надлежен суд независно дали брачните другари се во брак, во постапка на развод, или пак по разводот.

 

Потребна ви е правна насока?

Доколку имате прашања за имотот стекнат во брак или сакате да ги заштитите вашите права, тимот на Лаличиќ и Партнери е на располагање за правна насока. Контактирајте не преку нашата веб-страница.


Ведран Лаличиќ

Контактирајте го авторот тука:

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Секоја правна ситуација има свои карактеристики кои треба да се гледаат посебно и од таа причина Ви препорачуваме за правен за правен совет, да контактирајте стручно лице – адвокат.

Канцеларија

Ул. Македонија бр. 26/1-5,

Скопје – Центар

Контакт

contact@lblaw.com.mk
+ 389 2 609 0218

Lalicic & Boskoski Law Firm

str. Makedonija no. 11/1-5